Monday, November 21, 2005

Македонија во ЕУ неколку години по Хрватска

Македонија ќе биде среќна ако почне преговори за членство во ЕУ во 2007 година и ако ги заврши неколку години по Хрватска, а веројатно пред Турција, предвидуваат европски експерти. Македонија, освен ако работите не тргнат на лошо, ќе биде третата земја наследничка на поранешна Југославија што ќе добие членство, а зад неа ќе останат Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина и евентуално независно Косово."Иако македонската Влада беше воодушевена од позитивното мислење на Европската комисија, спласнаа нејзините нереални надежи дека напредокот на земјата кон членство ќе биде рамо до рамо со хрватскиот. Причината е делумно повнимателниот пристап на Европската комисија за понатамошното проширување по неуспешните референдуми во Франција и во Холандија, но делумно и фактот дека Хрватска е многу понапред во своите подготовки", велат експертите. И тие, како и еврокомесарот за проширување Оли Рен, и порачуваат на Македонија дека ќе биде под постојан мониторинг на Европската комисија што треба да поднесе извештај пред Европскиот совет во наредната година. Во меѓувреме, Македонија ќе мора да се потруди да постигне напредок пред да достигне, како што велат, "доволен степен на исполнување на критериумите за членство". Особено ќе мора да се потруди да направи дополнителни напори за спроведување на реформите во судството и во полицијата, да ја засили ефикасноста на борбата против корупцијата и да го подобри изборниот процес. Освен тоа, ќе мора да ја подобри бизнис-климата и да стане поатрактивна за домашните и за странските инвеститори.
Извор: Дневник

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov