Wednesday, November 30, 2005

Во ЕУ без визи - за две до три години

Европската Комисија, на почетокот на идната година, ќе подготви акционен план за олеснување на визниот режим за Македонија. Потоа, ќе следат преговори на техничко и политичко ниво помеѓу претставниците на Македонија и Европската Унија. Потпретседателот на Европската Комисија Франко Фратини најави дека олабавувањето на визниот режим ќе оди во чекор со напредокот на земјата кон интеграцијата во Европската Унија. Брисел се уште го нема дефинирано начинот на кој ќе го либерализира визниот режим за македонските граѓани. Во МНР велат дека олеснувањето први ќе го почувствуваат лицата кои најмногу патуваат - студентите и бизнисмените. Тие ќе добиваат визи полесно отколку досега, а визите ќе бидат за подолг престој и за неколку влегувања. Визите за овие категории граѓани можеби ќе бидат поевтини, а има одредени размислувања тие да бидат и бесплатни, каков што е случајот со Чешка. За носителите на дипломатските патни можно е визите сосема да се укинат. Раководителот на конзуларното одделение на МНР, Јасмин Ќахил вели дека се работи за долготраен процес кој ќе трае една, две, а можеби и три години, а за тоа време Македонија ќе треба да ги заврши своите обврски. Во текот на 2006 година, според Ќахил, Македонија ќе воведе нови, посигурни пасоши и ќе треба да го намали бројот на службени пасоши. "До крајот на 2006 година ќе се формира визен центар во МНР, ќе се воведе компјутеризиран систем со заедничка база на податоци на МНР и МВР, а треба да се потпишат и договори за реадмисија со земјите од ЕУ. Македонија досега има потпишано 6 такви договори, а во моментов е во преговори со уште девет земји од Унијата", вели Ќахил. Во МНР велат дека за олеснувањето на визниот режим многу ќе помогне доколку Македонија добие кандидатски статус. "Како што ќе се приближуваме кон интеграција во ЕУ, така ќе се разлабавува и визниот режим. Целата работа ќе оди во пакет - со нашите реформи и приближувањето кон европските стандарди и членство. Европската Унија има политичка волја да ја олабави визната бариера и тоа е многу важно", велат во МНР.
Извор: Вечер

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov