Friday, December 02, 2005

Нема укинување на визите за Балканот

Европската унија нема намера да го олабави визниот режим за Западниот Балкан во скоро време, соопшти потпретседателот на Европската комисија, Франко Фратини. Тој рече дека олеснувањето на визниот режим е долгорочна цел на Брисел, но земјите од Западен Балкан не можат да очекуваат дека тоа ќе се случи пред да стигнат до подоцнежна фаза од преговорите за членство во Европската Унија. Укинувањето на визниот режим во моментов не е опција, рече Фратини, но најави дека идната година ќе има преговори за полесно добивање визи за студентите,бизнисмените, научниците и професорите. Главна пречка за либерализирањето на визниот режим кон Македонија претставува големото количество нелегално оружје во нашата држава и слабата контрола на границите. Ова Европската комисија го наведе како забелешка и во мислењето што го објави минатиот месец. Една од главните забелешки е и тоа што македонските пасоши не се сигурни и се лесни за фалсификување, поради што не ги задоволуваат европските критериуми, а проблем е и големиот број службени пасоши. Освен тоа, Македонија нема соодветна база на податоци - заедничка на МНР, МВР и ДКП-ата во странство, која ќе обезбеди увид во тоа кој и што влегува и излегува од земјата. Во МНР велат дека базата на податоци ќе профункционира до почетокот на 2007 година, ќе се намали бројот на службените пасоши, а дотогаш ќе имаме и нови "европски" патни исправи. Останува нејасно дали и како државата ќе се справи со нелегалното оружје кое неконтролирано се набавува. Според европратеничката Дорис Пак, невработеноста и лошата економска состојба е уште една причина за визната бариера. "Ако ги укинеме визите, половина од младите од Балканот ќе дојдат во ЕУ и нема да се вратат дома. Тие мора да имаат економка перспектива за да сакаат да останат дома", изјави Пак при последниот престој во Скопје. Фратини потенцирал дека напредокот во преговорите за либерализација на визниот режим ќе зависи од секоја земја од Западен Балкан одделно и од нивните реформи во судството и борбата против нелегалната миграција, трговијата со луѓе и други форми на организиран криминал.
Извор: ВЕЧЕР

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov