Monday, December 19, 2005

ПО ДРАМАТИЧНА РАСПРАВА НА ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ, МАКЕДОНИЈА ГО ФАТИ ЕВРОПСКИОТ ВОЗ

По драматична и крајно неизвесна неколкучасовна расправа на лидерите на 25. членки на ЕУ, Македонија во саботата рано утрината го доби статусот кандидат за членство во Европската унија. Веста викендов беше прославена со ветеното ирско виски на ЕУ-дипломатот Ерван Фуере, шампањот што го послужи премиерот Владо Бучковски, а филингот го комплетира снегот што непрекинато врнеше двата дена. "Визијата на Европа е обединета Европа која ќе ја вкучи и Македонија. Веќе не станува збор за проширување, туку за обединување", ја соопшти, за нас, радосната вест британскиот премиер Тони Блер. Дека конечно се најде компромис за новиот европски буџет и посебно за нашиот статус, Блер соопшти на прес-конференцијата во саботата во 3 часот утрината. Во заклучоците од бриселскиот самит е поздравен напредокот што го направи Македонија во исполнувањето на политичките и економските критериуми за членство во Унијата, посебно во Рамковниот договор. Лидерите на ЕУ порачаа дека Македонија мора уште многу да работи за да ги исполни стандардите за членство во Унијата. Шефовите на држави и влади на 25. членки на ЕУ не определија датум за преговори за членство со Македонија. Според неофицијалните најави Брисел ќе чека да види како Македонија ќе ги спроведе наредните парламентарни избори. Ако тие поминат во фер и демократска атмосфера, преговорите би можеле да почнат во декември 2006 или на почетокот на 2007 година, велат дипломатски извори. "Денес добивме виза за нашиот европски пат. Конечно, Македонија ја напушта балканската калдрма и се приклучува кон автопатот кој води во Европа. Европската унија покажа дека верува во македонската приказна. Денес е јасно дека Македонија и треба на Европа. Македонија денес победи. Вложивме многу во реформите што ги спроведувавме и сега сме поблиску до целта. Но, кандидатскиот статус не е волшебно стапче со кое ќе се решат проблемите на граѓаните, особено економските", рече премиерот Владо Бучковски кој најави олеснување на визниот режим и странски инвестиции во Македонија. Претседателот Бранко Црвенковски одлуката за кандидатскиот статус на Македонија ја нарече огромен успех за нашата земја и народ. "Денес добивме силна потврда за нашиот проевропски капацитет и демократски потенцијал. Денешната одука е уште поголема одговорност да продолжиме со уште поголема посветеност по истиот курс и кон истата цел. Не чекаат нови предизвици и огромна работа", рече Црвенковски. "Оваа одлука е добра за Македонија", истакна претседателот на Евопската комисија, Жозе Мануел Баросо, кој рече дека со усвојувањето на новиот европски буџет ќе има пари за новите членки на Унијата - преку пет милијарди, но и за нови проширувања. Парите од буџетот ќе овозможат создавање голема, модерна и обединета Европа, рече Баросо. Грчкиот премиер Костас Караманлис изрази задоволство од одлуката на Европскиот совет и потенцира дека Грција ја поддржува европската перспектива на Македонија. Тој наедно ги информира грчките новинари дека на самитот на лидерите на ЕУ било одлучено официјалното име на Македонија во Унијата да остане БЈРМ.

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov