Monday, September 04, 2006

ЕУ западна во апатија

Париз смета дека процесот на реунификација на европскиот континент нема да биде завршен се' додека земјите од Балканот не влезат во ЕУ
Европа не е во криза. Европа е западната во апатија, во состојба на генерализиран замор, кој не најавува ништо добро. Состојбата е загрижувачка. Ова е тешката дијагноза што во минатата недела ја постави француската министерка за европски работи, Катрин Колона, во своето обраќање на редовната средба помеѓу владата и француските амбасадори во светот.Година и неколку месеци по француското и холандското одбивање на европскиот устав, Париз признава дека состојбата е полоша од кога и да е досега. Европа се преправа дека се' е во ред и дека продолжува да функционира како и досега. Но нејзиниот процес на одлучување станува драматично долг и се оддалечува од европскиот проект и граѓаните. Според француската министерка за Европа, проширувањето е едно од местата каде што треба да се бара причината за тегобата. Министерката констатира дека проблемот на проширувањето е отворен и ќе биде дебатиран во наредниот период благодарение на Франција, која побара суштинска дебата за стратегијата на проширувањето и која инсистираше ЕУ да води смета за својот капацитет на апсорпција кој, вели Колона, стана јасен услов според кој ќе се одвива ритамот на понатамошното проширување.Ова е значајно остварување за кое Франција се избори, објаснувајќи дека не станува збор за промена на правилата во процесот, туку за тоа да се биде сигурен дека зачленувањето на нови земји ќе биде успешно, што е во интерес на сите, им рече министерката на амбасадорите.Франција, заедно со повеќе земји членки на ЕУ, бара попрецизна дефиниција на тој проект. Или, конкретно, какви треба да бидат институциите со кои Европа во иднина ќе функционира и какви се буџетските средства со кои ќе располага. - Треба да бидеме сигурни дека куќата почива на солидни темели пред да одлучиме да изградиме уште еден кат - резимира Катрин Колона.За француската министерка нема никакво сомнение дека земјите од Балканот треба да станат членки на ЕУ.- Јасно е дека процесот на реунификација на континентот не е завршен, особено кога станува збор за Балканот - вели таа.идни границиПодготовката за ЕУ со 30 или 35 земји-членки мора да почне. Катрин Колона не се заложи за дефинирање на идните граници на ЕУ, како што тоа го вели Никола Саркози, можниот иден претседател на Франција и актуелен министер за внатрешни работи. Иако во ниту еден момент во своето обраќање до амбасадорите таа не ги спомена Турција и Украина, го постави прашањето за дефинирање на идентитетот на ЕУ.Овој процес не е бескраен. Тука е дефинитивно и прашањето што ни го поставува проширувањето: кој е нашиот идентитет и што е европска земја во смисла на членот 49 од Договорот за ЕУ, кој одредува кој може да побара да се зачлени во ЕУ, рече Колона, залагајќи се за што поширока и поотворена дебата за процесот, која би требало да донесе одговори на овие прашања на кои засега никој нема прецизен и дефинитивен одговор. Болката на Франција е и нејзината тежина во идната уште поширока ЕУ. Пред проширувањето од 2004 година, најжестоката битка се водеше со големата Полска, но и со малите земји, во однос на гласачката и одлучувачка тежина на секоја членка. Франција, како и Германија, сака да го задржи приматот на голема земја чиј глас се слуша. И смета дека не е во ред и малечките балкански земји да имаат еден комесар во Европската комисија, исто како Берлин или Париз.лик од 21 векПотребна е промена на некои рамнотежи. Мислам пред се' на ексцесивниот диспаритет на претставување помеѓу земјите со најголем и најмал број жители, како и на ефектите од несреќниот систем што, на извесен начин, го наградува создавањето повеќе држави од една со по еден комесар и судија во Судот на правдата за секоја нова членка. Дали е разумно, на пример, земјите што се создадени со распадот на Југославија и кои, како што реков, еден ден ќе влезат во ЕУ, да имаат шест или седум комесари и шест или седум судии таму каде што Франција и Германија ќе имаат само по еден, се запраша Колона, додавајќи дека знае колку овие прашања се чувствителни. Париз очекува дека во текот на оваа есен, со дебатата за проширувањето, ќе стане појасно што подразбира изразот - капацитет на апсорпција. - Според мене, тој израз треба да се смени, бидејќи не станува збор за чие било апсорбирање - рече министерката. Заедно со други земји членки, Париз смета дека во дефинирањето на капацитетот за апсорпција треба да се дознае каков е проектот што Европејците заедно сакаат да го спроведат. Дефинирањето на капацитетот за апсорпција ќе го скицира ликот на идната Европа, онаа на 21 век.

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov