Thursday, May 24, 2007

Зошто Македонија се оддалечува од ЕУ?

Ако се сеќавате, во ЕУ, пред неколку години предлогот за еврокомесар од Италија, Роко Бутиљоне никогаш не ја виде светлината на денот, а тој никогаш не ја виде канцеларијата на потпретседателот на Европската комисија во Брисел, наменета токму за него. Причина беа неговите изјави против правата на жените и хомосексуалците, на што реагираше европската јавност, а пратениците во Европскиот парламент го одбија предлогот – ксенофобниот коалиционен партнер на Берлускони да биде заменик на Баросо и нов еврокомесар за правда и внатрешни работи.

Така стоеја работите во ЕУ есента 2004 година. Во Македонија, во мај 2007 година една од владејачките партии и коалиционен партнер на Никола Груевски, Мендух Тачи, јавно ја нападна слободата на изразувањето со закана за линчување на претседателот на Хелсиншкиот комитет, Исо Руси. Руси беше наречен „биолошки хибрид“, „копиле со нечиста крв“, „производ на УДБА“ и сл. Линк-соопштение на Хелсиншкиот комитет на Македонија
Следеа реакции на сите релевантни општествени субјекти, кои го осудија овој случај на „кеснофобија и фашизоидност“. И бидејќи не му е прв пат, навикнати на речникот на Мендух Тачи во улога на локален мангуп, политички дилетант и невоспитан „фраер“ (кој сеуште е на црната листа на САД) не ни помисливме на една работа- каде е осудата од Премиерот, од ВМРО-ДПМНЕ?
Премиерот во повеќе наврати одбива да го осуди Мендух Тачи за своите ксенофобични изјави. Очигледно се согласува со него. Ние како граѓани со поддршката на Премиерот, директно придонесуваме за оформување на модел на успешни луѓе, луѓе на кои се угледуваат средношколците, студентите, младите. А според тој модел, Мендух Тачи е „фраер“. Како општество исправени сме пред предизвикот да ги осудиме таквите „модели“, зошто одговорноста за иднината на младите ја носи секој од нас.
Подзабораваме дека одамна сме под будното око на Европа. Коалициониот партнер на Берлускони и не е така далечен пример, но европските демократски придобивки се се подалеку!
Вака стојат работите во Македонија на пролет 2007 година. Ова е само еден сегмент од нашата реалност. Нема да коментирам дали со ова сме подалеку или поблиску до ЕУ. Ќе ве упатам на веста која вчера (недела 20 мај 2007) ја објави А1 Телевизија, а која вели дека дошле до документ на Европската комисија според кој ЕУ оценува дека Владата паѓа на тестот за европската интеграција. Жално е што на тој тест не паѓа само Владата, туку- Македонија.

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov