Sunday, May 11, 2008

ИЗБОРИ...Што да очекува обичниот човек?

Дали е обичниот човек само обичен смртник, зависен од програмите на политичките елити..?
Дали е државата семоќна во решавањето на сите економски проблеми..?
Што впрочем треба да бараме од луѓето кои ја водат државата..?
Сосема природно, на секој човек му е најбитна личната судбина и судбината на неговите најблиски. Тој проблем е поголем и поважен од било која кампања, изборен слоган или политичка програма. Ваквото созревање, можеби малку задоцнето, но е сепак се почесто во размислувањата на нашите луѓе, и комплетно се поклопува со филозофската водилка на западните земји, според која “секој човек е најзаслужен за сопствениот социјален и материјален статус“.
Ако е тоа така, тогаш што да се очекува од луѓето кои го бараат нашиот глас? Што да се очекува од оние кои бараат мандат да владеат во наредните 4 години?
Пред се овозможување на поголеми слободи за поединецот. Ако е тој главен креатор на сопствената судбина, но пред се на сопствениот социјален статус, тогаш државата треба да му се тргне од тој пат, а не да го ограничува со регулативи и високи давачки. Погубниот податок дека над 60% од вкупниот приход во фирмите завршува во државната каса, е многу обесхрабрувачки. Во високо развиените земји таквите давачки се 30-35%, а Македонија доколку сериозно сака развој мора да одзема помалку од нив, а не двојно повеќе. Не може државниот буџет да служи како гаранција за нечии општествен статус.
Затоа обичниот човек, граѓанинот, потребно е да побара три вида на радикални реформи кои ќе се случат во што е можно пократок рок:
1. Длабоки реформи во правосудниот систем:
Кога на било кој човек денес ќе му спомнете суд, тоа го потсетува на нешто ИЗВОНРЕДНО комплицирано, долготрајно, но пред се скапо и далечно. Имајќи ги во предвид сите видови влијанија во нашиот правосуден систем, но пред се неговата неефикасност.
Правна држава, во вистинска смисла на зборот, значи буквално обратно...забрзување на самите процедури, и конечна победа на непотизмот, политиката и корупцијата во судството. Неопходно е воведување на т.н Валутен Борд, што подразбира дека луѓе од ММФ и Светска Банка би ја контролирале јавната потрошувачка, издвојувањето пари за сите тендери, јавни набавки и комплетна контрола врз трошењето на државните пари. Тоа е најдокажан инструмент во борбата против корупцијата.
2. Радикално намалување на државната потрошувачка:
Ако сегашните 60% државна потрошувачка, се намалат на 30-35% (како во развиените земји), тогаш државниот буџет нема да изнесува 2,2 милијарди евра, туку скоро двојно помалку. Тоа пак би значело приближно 1 милијарда евра повеќе за македонските компании и за граѓаните...ГОДИШНО! Тоа понатаму значи помалку давачки за било кој бизнис, поконкурентно производство на странските пазари, реално зголемена побарувачка на нашето производство и реално зголемена вработеност во услови кога производството расте.
Говориме за реални параметри, за пари кои реално постојат и секоја година се трошат. Не говориме за “возможни инвестиции“ кои можеби би дошле, а можеби и не(како проектот Тајван).
Говорам за нешто што го има.
3. Потполна и апсолутна либерализација на економијата и на капиталните текови:
Најнапред, потребна е комплетна либерализација на надворешната трговија. Тоа значи дека Македонија, без разлика на односите со било која земја, еднострано би ги укинала сите царини и бесцарински бариери. Тоа би овозможило далеку поевтини производи од увоз, но и уште поевтини репроматеријали и суровини за нашето производство и негова уште поголема конкурентност на странските пазари. Беспредметни се стравувањата од трговски дефицит, со радикално кратење на даноците, нашето производство би станало далеку побарано на странските пазари и неговиот раст брзо би го амортизирал евентуалниот трговски дефицит.
Понатаму, потребна е либерализација на капиталните текови, односно максимално слободно внесување на било која заработка од надвор, како и максимално слободно изнесување на било која заработка вон Македонија. На народната банка треба да и се одземе дискреционото право да дава лиценци на странски банки, и со тоа да се овозможи слободен влез на било која странска банка.
Непријатна вистина за сите нас е дека сме општество кое многу повеќе троши одколку што произведува. Затоа мораме да сфатиме дека економскиот прогрес не подразбира никаква “правилна прераспределба на доходот“ туку создавање и привлекување на што е можно повеќе нов капитал. Притоа, несмее да се осудува профитот како мотив без разлика на неговата висина. Само во услови на такви економски слободи можеме да се надеваме на нови инвеститори, кои континуирано ќе отвораат работни места, поскапувајќи ја цената на работната рака и зголемувајки го животниот стандард. Само на тој начин можеме да очекуваме зголемување на доходот по жител и реални шанси да обичниот човек конечно стане сопственик, било на зголемена заштеда, приватно пензиско осигурување, вложување во хартии од вредност на берза и слични други херматистички појави кои од обичниот човек создаваат инвеститор.
ДРЖАВАТА МОРА ДА СЕ ТРГНЕ ОД ВАКВИТЕ ПРОЦЕСИ!
Ваквото барање мора да биде најсилно и најгласно на било кои наредни парламентарни избори!
Економската перспектива на Македонија е ограничена од деструктивното верување дека државата е семоќен инструмент во решавањето на проблемите на обичниот човек. Таквата идеја е водена од квази-интелектуалци, кои се присутни во сите политички партии. Малобројните исклучоци кои во последно време се појавуваат мора да бидат подржани со сите сили. Во спротивно, социјалната идеја дополнително ќе не влече надолу, низ бесконечни шеми и комбинаторики, низ безбројни политичко-економски експерименти кои би се спроведувале со нашите пари.
ЧУДА НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВААТ, НО НИВ ГИ ПРАВАТ ПОЕДИНЦИТЕ СО СВОЈОТ МОТИВ ЗА ПРОФИТ, А НЕ ПОЛИТИКАТА СО СВОИТЕ “ПРОГРАМИ“.
На песимизмот мора да му се стави крај, и да се подржат сите оние кои ќе ни понудат економски слободи во вистинска смисла на зборот.

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov