Wednesday, July 15, 2009

Кога робот стана робовладател

Гладна кокошка просо сонува. По логиката на оваа народна мудрост би требало робот да сонува слобода. Меѓутоа повистинито е тврдењето дека робот не сонува слобода, туку сонува да биде робовладател.
Денешното грубо кршење на правото на протест, а со тоа и на правото на слободна мисла и слободно изразување, преку група насилници кои според Пастирот спонтано се собрале, се докажува тврдењето дека робот сонува да стане робовладетел. Конечно на ДПМНЕ им се остварува сонот да бидат СДСМ.
Оние кои жестоко ја обвинуваа СДСМ за кршење на правата на протест преку донесување на идиотски закон, сега преку „спонтано“ собирање и се разбира уште „поспонтано“ удирање тупаници и туркање на девојки ја практикуваат слободата која ја освоија ослободувајќи се од својот робовладател.
Дури и оваа група на луѓе да била организира од СДСМ, дури и Заев лично да присуствувал на протестот, „спонтаниве“ кои патем „спонтано“ правеа и групи на Facebook со кои го најавуваа нивното собирање, немаа никакво право да ги замолкнуваат оние кои имаат споротивно мислење од нив. Обвинувањето од ДПМНЕ дека СДСМ го организирала сето тоа не ги оправдува насилниците. Тоа значи дека ДПМНЕ не дозволува политичко дејствување. Што е наредно да се прогласат за единствена партија во Македонија, а другите да ги укинат и пратат во илегала.
Најсмешното од се е што се најавени пријави за организаторите, а за овие насилнициве ништо. Ако организаторите се криви за лошо организиран и слабо обезбеден протест, тогаш овие „спонтаниве“ се криви најмалку за три работи:
1. предизвикување општ неред,
2. физички напад
3. и учество во толпа
Добар христијанин не користи насилство и пцости како што правеа „спонтаниве“. Уште една порака за „спонтаниве“ пред да ме обвинат дека сум соросоид, шиптар, героид, комуњар и така натаму, погледнете ги моите ставови што ги имам искажно преку овој блог за: црквата, крстот на водно, веронауката итн.

No comments:

 

© Copyright 2006, European House Skopje. Blog developed by Zoran Dimitrov