Локални избори 2000 (C4C)

 

Граѓаните на Република Македонија на изборите на 10 и 24. Септември во два изборни круга на локалните избори, како и на прегласувањето што се одржа на 8 Октомври, бираа претставници за градоначалници и советници во Р. Македонија на околу  2973 избирачки места во земјата. Ова беа трети по ред локални избори по осамостојувањето на Република Македонија.

Р. Македонија е поделена на 123 (општини) и градот Скопје, во пописите за избирачи беа запишани 1.634.863, избирачи со  право на глас. Изборите ги надгледуваа околу 200 меѓународни набљудувачи и околу 1700 домашни набљудувачи координирани и организирани од страна на невладини организации и граѓански иницијативи, од кои 1700 беа акредитирани од страна на Државна изборна комисија.

               ВОВЕД

Локалните избори во Македонија ги надгледуваа 1700 набљудувачи организирани од страна на Коалиција од невладини организации “Граѓани за Граѓаните”. Набљудувачите беа координирани од 16 регионални канцеларии на и околу сто мобилни екипи кои ги посетуваа оние избирачки места на кои немаше можност да се постават постојани набљудувачи од Коалицијата “Граѓани за Граѓаните”.  Мобилните тимови беа разместени и на избирачки места на кои беа воочени проблеми или недоразбирања. Во главната канцеларија на Коалицијата резултатите беа сумирани и обработувани од страна координативното тело со помош и во консултации со компјутерски стручњаци, статистичари, а резултатите и согледувањата беа се објавени на прес-конференцијата за новинарите.

Важноста на локалните избори во Република Македонија како и големиот интерес за исходот од Локалните избори од страна на граѓаните, меѓународната заедница и невладините организации не придонесе за голем процент на одѕив на нашите граѓани на изборите. Недоволната заинтересираност веројатно произлезе од несигурната социо-економски положба на граѓаните и презаситеноста од политички настани. Граѓаните како и повеќето избирачки одбори покажаа не задоволително ниво на информираност за процедурите и текот на изборите како и недостаток од зрелост која се отсликуваше во непочитување на изборната процедура, политичката култура и нетолерантниот дух кој владееше во текот на целиот изборен процес. За целокупната атмосфера придонесе несоодветната организација на изборите од страна на државната а со тоа и општинските изборни органи. Тие во своето делување беа многу нетранспарентни, не само спрема кандидатите, туку и спрема невладините организации и медиумите.  Во јавноста настана конфузија околу недоразбирањата околу надлежностите и одговорноста на Државната Изборна Комисија и општинските изборни комисии околу спроведувањето на Локалните Избори.

Централната канцеларија на Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” соработуваше со Државните изборни органи, општинските изборни комисии, како и со повеќето избирачки одбори. Во решавањето на проблемите на некои избирачки места, од страна на членовите на изборните комисии и повеќето избирачки одбори наидовме на не разбирање. Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” организираното набљудување и известување од почетокот до крајот на изборите го спроведе на планиран начин, без поголеми проблеми и грешки. Ноќта по завршувањето на гласањето на двата изборни круга и по прегласувањето, од 16те регионални центри на Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” пристигнаа повеќето извештаи на регионалните координатори и мобилни екипи. Врз основа на овие првични извештаи беа направени прелиминарни извештаи, а по добивање на деталните извештаи од регионалните координатори изготвен е и финалниот извештај.

Овој завршен извештај се темели на сите извештаи пристигнати од регионалните координатори вечерта после трите изборни кругови, од  извештаите на нашите набљудувачи како и граѓаните кои оставија лични забелешки. Прелиминарните извештаи се напишани пред финалната обработка на секој поединечен извештај, а завршниот извештај е изготвен после обработката на секој поединечен извештај од избирачките места.

Општа оцена на Коалицијата “Граѓани за Граѓаните” е дека изборите беа спроведени организациски со многу недостатоци и пропусти кои резултираа со многу недоследности и проблеми од секаков вид. Почнувајќи од елементарно непознавање на изборниот процес, до флагрантно кршење на постапката и процедурите,  најекстремни случаи на употреба на насилство па дури и огнено оружје што резултираше со две жртви и повеќе повредени и ранети граѓани.

Глобално гледајќи ги случувањата поврзани со изборниот процес и анализирајќи ги повеќето елементи на изборниот процес воочени се зголемен број неправилности, па дури и нови начини на обиди за манипулација со гласачите и нарушување на изборниот процес што зборува за добро и подолготрајно подготвување на овие групи за преземање на активности за манипулација со изборите и гласачите. Најфлагрантен пример се гласините и сомнежите за гласање со фалсификувани лични документи за лична идентификација и избирачки легитимации. Пак ќе напоменеме дека сме изненадени од бруталноста на употреба на сила од страна на разни групи (организирани и неорганизирани) симпатизери, приврзаници и платеници на политичките партии учесници во изборите

Предизборната кампања се одвиваше во нетолерантен дух без нагласок на лицата и програмите.  Главно, кандидатите своите настапи ги искористија за критики и префрлања кон своите противкандидати.  За жал, дел од медиумите намерно го прекршија изборниот молк што не е професионално (и што беше предмет на критики и јавни дискусии), како ни во духот на повелбите за слободни и фер избори

Од распишувањето на изборите па се до самиот ден на одржување, изборите беа организациски многу лошо спроведени, а работата на изборните комисии не остави впечаток на транспарентност и независно работење. Настанатата конфузија околу (не)надлежноста на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии за спроведување на локалните избори дополнително ги стави во недоумица граѓаните и веројатно една од причините за релативно слабиот одѕив на гласачите.  Обврзните препораки прифатени од државната изборна комисија (Брошура на ИФЕС) пропишуваа делови од изборната постапка поквалитетно и од самиот изборен закон , што е последица на застареноста на поедини одредби од Самиот Закон.  Граѓаните не беа добро информирани и со потешкотии го разбираа изборниот процес, а повеќето изборни одбори својата работа ја извршуваа непрофесионално и пристрасно. Големиот број на критични ситуации, како и многу нетолерантната и недемократска атмосфера на изборните денови, покажува дека Р. Македонија  направи голем чекор наназад во процесот на демократизација и исполнувањето на своите меѓународни обврски, како и во приближување кон земјите со развиена демократија. Останува лошиот впечаток за земја со најнедемократски избори во регионот означен како критичен во поглед на спроведувањето на слободни и фер избори, со кој се претставивме пред домашната јавност, а посебно пред меѓународниот фактор и странските набљудувачи.

Слободно може да се каже дека паднавме на испитот наречен локални избори, токму во периодот кога Македонија е во преговори за членство со Европската Унија. Надлежните институции мора водат поголема грижа за спроведувањето на изборните процеси, но и да ја преземат  одговорноста  за настанатите проблеми кои ги имаше во огромен број. Во спротивно и натаму ќе се случуваат вакви ситуации и пак никој нема да биде одговорен за нив како и за двете жртви и сите повредени и ранети луѓе. Општата атмосфера на изборите како и сите субјекти на изборниот процес може да се оценат негативно со надеж дека толеранцијата, почитувањето на правната регулатива, слободата на медиумите и информирањето, како и политичката култура ќе ги  бидат одлики на  граѓаните и политичките партии во сите наредни избори и ваквите грешки и неправилности ќе бидат надминати и ќе останат само во лошо сеќавање.

 Изборен закон

 Законот за локалните избори. Покажа одредени недостатоци и потреба за изгласување на нов закон кој детално би ја пропишал процедурата за спроведување на изборите , а не само начелата.

Законот не предвидува детални упатства.. Законот предвидува присуство на партиски надгледувачи, присуството на домашни непартиски надгледувачи е исто така регулирано. Иако ни Законот за локални избори на не ги пропишува детално правата и обврските на непартиските надгледувачи, би можел да послужи како основа за нивно утврдување, иако сметаме дека истиот остава многу недоречености во надлежноста на Државна изборна комисија. Со оглед на тоа што во Р. Македонија не постои јавна евиденција на членовите на политичките партии, а овластување за проверување на членството не и е дадено ниту на Државна изборна комисија , скоро е невозможно да се провери членството на членовите на изборните одбори во политичките партии, што во иднина сметаме дека треба да постои законска можност за таква проверка. Во таа смисла, Законот за локални избори во Македонија преку повеќе партиските изборни тела овозможува праведно учество на политичките партии во организирање на изборите и ја намалува можноста од евентуални манипулации.

 Спроведување на изборите

 Во склад со изборниот закон, конституирана е Државна изборна комисија како највисоко тело за спроведување на изборите. Државна изборна комисија со своите постапки во изборниот процес не го потврди настојувањето за спроведување на транспарентни, а со тоа и праведни и слободни избори, и покрај отежнатите околности како што се непрецизниот изборен закон и кратките рокови.

Препознавајќи го значењето на непартиското надгледување, Државна изборна комисија со помош на обврзните упатства им даде право на невладините организации да ги надгледуваат изборите. Со цел да се зголеми транспарентноста и довербата на јавноста во изборниот процес, секоја невладина организација доби право на најмалку еден надгледувач во секое избирачко место.

Во спроведувањето на изборите, правната несигурност за граѓаните предизвика неможност на остварување на правото на гласање условено првенствено од непрецизни и неадекватни законски регулативи, што посебно беше карактеристично за изборите.

 Политичка Кампања

Општата оценка на кампањата е негативна со нагласок дека тежиштето на кампањата во иднина би требало да се префрли на личноста на кандидатите, а не на партиската припадност и идеологијата како на претходните избори. Кандидатите не се сложија околу најважните прашања за развој на демократските процеси во Р. Македонија, а позитивно е и нагласувањето на Граѓанските слободи како и цивилното општество.

Политичката кампања беше изместена од она што би требало да биде кампања за локални избори оттука се створија тензии и нервози кои обично ги нема на локални избори и во земји со понизок степен на демократија од Р. Македонија пр: Албанија, Косово.

Воопшто никој не се занимаваше со локални проблеми и различните аспекти на комунална политика.

Власта и Опозицијата имаа различен приод во кампањата првата ја минимизираше важноста на локалните избори, а втората ја преувеличуваше. Опозицијата почнувајќи од јуни, значи три месеци пред изборите, почна неофицијална кампања, за да во август ги нарече изборите-референдум. И покрај тоа што во политичките кампањи “се е дозволено” за да се стигне до власт, сепак локални избори да се рамнат со референдум не е баш умешно. Самиот одѕив на гласачите, без коментар за резултатот покажува дека граѓаните и не ги интересирало “рефередумското” прашање офанзивната кампања на опозиционата коалиција беше предводена од нивните лидери наспроти не заинтересираната на владејачките партии и настојување да без водење поголема кампања “се из-бори” за поволен резултат значи за едни во кампањата тоа беше референдум а за други тотално не битни избори за иднината на Р. Македонија освен тоа се повтори реакцијата на гласачите од 1998 кога се гласаше не за политичка опција ниту за личност, туку контра некоја владејачка опција. Овој пат улогите на актерите беа сменети. И нормално во такви услови никој не го интересира понудена програма или личност, битно е да се истури гневот врз владејачките структури.

Медиумите воглавно на задоволителен начин ги претставија кандидатите при што најинтересни беа меѓусебните соочувања. Меѓутоа, повторното појавување на тенциозни текстови во поедини медиуми, директно му наштетуваа на угледот на некои кандидати со што тие беа доведени во нерамноправна положба. Не навлегувајќи во вистинитоста на нивната содржина, тие текстови можеа да се објават во поприфатливо време, а не непосредно пред почетокот на изборниот молк.

Бидејќи кршењето на изборниот молк не беше законски санкциониран, одредени медиуми, но и изборни портпароли на кандидатите, намерно го прекршија изборниот молк , при што Државна изборна комисија издаваше само предупредувања за кршење на правилата кои ги донесе самата.

 Карактеристични случаи и инциденти

На овие избори беа забележани и повеќе специфични случаи на обиди за манипулација со гласачите и изборите. Почнувајќи од веќе видени методи на претходните избори на купување избирачки легитимации од населението како со пари така и со ветувања, Беа делени прехранбени продукти и друго. Како специфичности во оваа насока мораме да ги наведеме случаите на јавно гласање кои беа својствени и забележани во многу места каде граѓаните ги покажуваа заокружените ливчиња пред да ги уфрлат во кутијата ги покажуваа на членовите на избирачките одбори. Во повеќе места исто така имаше случаи кога ливчињата беа заокружувани со фломастер со специфична и лесно препознатлива боја. Ваквите случаи се повторуваа во повеќе избирачки места.

Како посебен проблем и специфичност се појавија притисоците вршени врз ромското население. Тука доминираа случаи од едноставно купување на гласачките легитимации, поткупување со брашно, зејтин и други прехранбени продукти, па се до најбрутално насилство и застрашување да гласаат за одредената политичка партија или дури и да се заплашуваат да не излезат на гласање. Случаите на насилство и заплашување на Ромите во Свети Николе се документирани со изјави и записници а една ромска организација обезбеди дури и адвокат за да се поднесе кривична пријава и тужби против насилниците но оштетените претепани и престрашени Роми (кои имаат и лекарски уверенија за повредите) се плашеа да излезат на суд.

Манипулацијата со Ромските гласови се навестуваше уште пред да започнат изборите и имаше дури и обиди на Ромите од Битола да се организираат и што е можно поскапо да ги продадат гласовите. Изјавите се движеа во насока “поарно да ни дадат пари за да си купиме нешто отколку да ги напијат нашите мажи кои потоа пијани доаѓаат дома па дури и не тепаат за да гласаме како што им кажале” (изјава на Ромска жена од Битола дадена за Македонското радио уште во предизборната трка).

Ромите како етничка група веќе како да се ставаат (кога станува збор за изборите) како граѓани од втор ред кои воопшто не можат да имаат право на глас и да избираат туку ќе служат само за исполнување на нечии амбиции и желби. Во насока на ова оди и изјавата на пратеникот во Македонскиот парламент упатена кон група роми од Свети Николе “Вие ли циганите ќе одлучувате кој ќе биде градоначалник во градот, во понеделник ќе ги повикам багерите и целата циганска населба ќе ја сравнам со земја”

Во населбата Аеродром во Скопје повеќе граѓани се жалеа дека добиле гласачки ливчиња на кои веќе бил заокружен редниот број пред името на кандидатот на некоја од помалите политички партии обично кој се наоѓаа на долниот дел од гласачкото ливче и беа потешко забележливи. Вакви случаи се забележани во изборни места каде претежно живеат постари жители. Резултатот на ваквите активности е појавата на зголемен број неважечки ливчиња. Повеќето од жителите кои се жалеа на овие постапки бараа да им се овозможи повторно да гласаат на ново необележано ливче што не им беше овозможено. Поголем број од истите изјавија дека сакале да гласаат за кандидатот на опозицијата.

За време на третиот круг во населба Гази Баба Скопје за време на гласањето беше исклучена струјата од повеќе катниците. Повеќето постари жители беа обесхрабрени од тој факт да слегуваат по скалите и да излезат на гласање со оглед дека не работат лифтовите. Во населбата имаше огромен број возила и набилдани момчиња со возила меѓу кои многу лесно можеше да се забележат возила сопственост на Јавни Претпријатија.

Постои размислување дека постарите жители и пензионери се повеќе наклонети кон опозицијата па со нивно обесхрабрување да излезат да гласаат.

Застрашувачки е фактот дека како и пошироката домашна јавност така и избирачките одбори, претставниците на политичките партии ги делеа неправилностите на вообичаени (значи прифатливи) и невообичаени крупни инциденти. Насилството особено присутно во вториот круг и на многубројните прегласувањата беше основна карактеристика на овие избори. Посебно потресни беа случаите во Село Кондово каде е убиен еден млад човек. Жителите никако не сакаат повторно да гласаат и во општината најверојатно ќе биде поставен владин повереник кој ќе ја раководи. Ова укажува на фактот дека граѓаните веќе ја губат довербата во правната држава и институциите на системот и вербата во демократија.

Пукање во Дебар како на филм поради што беше прекинато гласањето а жителите на градот се повлекоа во своите куќи и се плашеа да излезат на улица. Прегласувањето помина во најдобар можен ред. Се прашуваме дали треба на секои избирачко место да се положи по еден живот за да потоа предизвикувачите и нарачателите на инцидентите и насилничкото однесување се смират.

Пукање во Охрид на истото избирачко место каде и во првите два круга имаше инциденти и демонстрација а сила и оружје. Во третиот круг се продолжи со насилство што резултираше со пукање како во времето на 30-тите и огнострелна рана во главата на еден симпатизер и приврзаник на опозицијата кој за среќа остана жив но со далекосежни трауми. Случајот се замагли и се подзаборави. Се прашуваме дали требаше човекот да загине за да се забележи како случај и да повлече посериозни интервенции и општествени анализи.

Според нас самиот факт на употреба на сила и располагање со оружје, организирање на групи приврзаници добро подготвени и наоружани кои се врткаат околу избирачките места е голема причина за загриженост. Вмешаноста на полицијата и полициски службеници (или нивната невмешаност) кога требало да се интервенира а особено при приведување на веќе идентификуваните насилници, вооружени банди е уште позастрашувачка.

Се воспостави правило на пуштање на затвореници од затвор на времено отсуство токму за време на денот на изборите. Истите тие затвореници се пријавени и идентификувани како главни водачи на насилничкото однесување на и околу избирачките места.

Појава на лажни лични документи. Во Охрид имаше случаи пријавени од страна на членови на избирачки одбори дека забележале непознати лица со документи кои гласат на име на нивни роднини и пријатели кои веќе подолго време борават во странство и не се во земјата. Членови на избирачкиот одбор обезбедиле и докази (фалсификувани лични карти) но морале да ги вратат на интервенција на претставник на Државната Изборна комисија. Останатите докази се изгубиле на пат од избирачкото место до полициската станица.

Сето ова укажува на вмешаност на високи државни службеници и државни институции чија злоупотреба за вакви банални цели е непоимлива и недозволиво. Едноставно не се бираат ни методи ни средства за остварување на лични амбиции и партиско политички интереси. Сето ова укажува на ниското ниво на политичка свест и општествена одговорност на организаторите и инспираторите на ваквото однесување што за жал за да можат да имаат достап до таквите инструменти на принуда секако се наоѓаат на високи државни и општествени функции.

Насилство врз набљудувачите на коалицијата “Граѓаните за Граѓаните”

Насилството кон нашите набљудувачи најмногу беше изразено низ навреди и притисоци од разновиден облик. Прво и основно и покрај уредните акредитации издадени од страна на државната изборна комисија на набљудувачите волонтери на коалицијата “Граѓаните за Граѓаните”  не им беше дозволено да присуствуваат на некои изборни места, на други пак им беше дозволено да присуствуваат во текот на денот а не можеа да останат на броењето.

Интересно е на какви се досетки и трикови се досетуваа одредени партиски активисти само да ги убедат нашите набљудувачи барем за момент да го напуштат избирачкото место. Се користеа трикови како те викаа нешто надвор, дојди да те прашам нешто итн.

Нај критично беше во местото Шум во Струшко каде двајцата набљудувачи беа брутално избуткани од избирачкото место и исфрлени на улица со клоци.

Во многу места во Скопје, Куманово и на други места набљудувачите од коалицијата беа принудувани да ги соблечат карактеристичните маички со разноразни изговори и забелешки а во некои места дури и им беа искинати со употреба на сила. 

 Препораки

Локалните избори 2000 во Република Македонија покажаа голем број слабости на изборните закони и процедури како и неинформираност и не запознаеноста на избирачките одбори со правилата и постапките за избори допринесоа за создавање на клима на недоверба и незадоволство а резултираа и со многу неправилности па дури и насилства.

Како прво и основно во секоја демократска процедура како императив се поставува прашањето за едукација и информираност на граѓаните за изборните постапки и процедури. Развој на граѓанското општество и засилување на капацитетот на Невладините организации како претставници и насочувачи на јавното мислење.

Забележавме дека пред за време и после изборите доминантна улога имаат политичките партии и може да се забележи размислувањето на граѓаните дека тие не можат да влијаат на тековите и процедурите и дека тие се оставени на политичките партии (кои единствено ќе ги користат придобивките од добиените позиции на изборите, а за граѓаните ништо битно нема да се промени). Поголема информираност и едукација на граѓаните за нивното значение улога и место во системите со развиено граѓанско општество ќе допринесе за поголема самопочит и влијание и поактивна улога во општествените текови на граѓаните кои не се членови или делови на некоја политичка партија. Граѓаните сметаат (а овие избори тоа и го покажаа) дека се пасивен учесник во изборните процедури.

Насилството, присилувањето заканите па дури и употребата на огнено оружје беа доминантни форми на “политичко однесување” особено после првиот круг на гласање. На граѓаните им беше одземено и тоа основно право на самоизбор да одлучуваат и да избираат со преголемиот број на случаи на групно гласање, прокси гласање (гласање во име на друг) гласање на лица со туѓи документи, па дури и малолетници така да се забележани случаи на гласање во име на лица кои не се тука, кои се на привремена работа во странство па дури и умрени лица.

Сето ова покажува на ниската изборна култура на граѓаните и тоа не само во западните делови на земјата како што се сметаше досега  туку и во останатите делови од земјата (специфично е и тоа што дури во случаи кога на изборните одбори им се укажуваше за неправилностите на групно гласање од страна на некои од нашите набљудувачи тие коментираа дека во тоа место секогаш така се гласало и дека не е возможно да се гласа поинаку). Препораките би ги поделиле на: Едукација и мотивација на гласачите (граѓаните) како основна и најбитна претпоставка за успешно спроведување на изборната процедура. Доколку граѓаните се свесни за изборната постапка и нивната улога и место во изборниот процес како активен чинител можностите за манипулација со изборите и нарушување на постапката ќе се сведат на минимум, а воедно и секој граѓанин со своето однесување и познавање на постапката ќе допринесува за правилно одвивање на процедурата. Едноставно преку едукација секој граѓанин да се претвори во набљудувач на изборниот процес кој ќе знае да ги воочи неправилностите и ќе биде мотивиран и ангажиран да се бори против нив, и кој ќе знае да ги употреби сите правни и законски мерки кои му стојат на располагање (ќе знае каде, како и до кого да поднесе приговор или да покрене иницијатива за утврдување на вистината - секако тука голема улога и место ќе играат и здруженијата на граѓани како организирани форми за артикулирање на граѓанското мислење, ставови и идеи).

Организирањето на изборите во целост е оставено на политичките партии, а особено на тие што се на власт.

Големи неправилности и проблеми се забележани во работата на Државната изборна комисија:

 -Лоша комуникација со изборните одбори и нивна неинформираност и неупатеност во изборната процедура.

 -Неефикасност на работата на државната изборна комисија

Потребно е донесување на нов закон за избори и заштита на гласачите (па дури и на избирачките одбори).

Најголеми проблеми кои се покажаа и во овие избори произлегоа беше насилството кое произлезе како помеѓу симпатизери и приврзаници на партиите како и ангажирањето на групи насилници па дури се забележани и случаи на затвореници кои беа пуштани од затвор.

Мора да се работи на подигање на свеста и етиката кај политичките партии нивните членови и раководства.

Развој на граѓанското општество и капацитетите на Невладини организации. Многу од регионалните координативни канцеларии (некои од нив се регистрирани здруженија на граѓани кои функционираат веќе подолг временски период) не располагаа со основните комуникациски средства (факс па дури ни компјутер) што ја отежнуваше комуникацијата во овој случај но ја отежнува и нивната секојдневна работа. Тука би ја придружиле и обуката на овие активисти за располагање и употреба на истата како и развивање на идеи во проекти и обука за раководење истите. Би било добро и корисно да се етаблираат регионални канцеларии за поддршка на Невладините организации во секој регион кои ќе располагаат со соодветна техничка опременост за олеснување и непречена работа на локалните Невладини организации.

 Две најбитни работи

 На кои коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” ќе работи се:

-лобирање за учество на претставници од коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” во донесување на новите изборни закони

-отворање на 10 регионални канцеларии на цела територија на Р. Македонија кои ќе служат како сервис на коалицијата за понатамошните активности.

 Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” планира следните Парламентарни избори што ќе се одржат во Република Македонија да ги набљудува со околу 6000 обучени и акредитирани набљудувачи и тоа по двајца на секое избирачко место во РМ. Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” тесно ќе соработува со сите странски мисии, претставништва и амбасади за спроведување на фер, демократски и слободни Парламентарни избори.

 Коалиција “Граѓани за Граѓаните”

 Коалицијата Граѓаните за Граѓаните беше формирана во август 2000-та година со цел да се здружат силите на 7 македонски невладини организации од целата земја.  Организациите членки се: Младински Совет на Македонија,  Центар за Балканска Соработка - Лоја (Тетово),  Сојуз на Организации на жени на Македонија (Скопје),  Европска Куќа - Скопје,  Републичка организација за заштита на правата на Ромите, Сојузот на невладини организации на Велес и Здружение за Развој на Демократија- Гевгелија. Подоцна се вклучи и Хелсиншкиот комитет на Република Македонија.

Освен независното и непристрасно надгледување на изборните процеси во Р. Македонија, Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” акцент стави и на важноста на надгледување на изборниот процес со цел почитување на изборните процедури и законите, откривање на можните неправилности и манипулации, јакнење на довербата на граѓаните во изборниот процес и во изборните институции како и подигнување на политичката култура на граѓаните на Р. Македонија. Ја промовира и важноста на едукацијата на граѓаните за нивните избирачки права.

Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” со распишувањето на локалните избори ја препознаа можноста домашните набљудувачи да станат легитимни субјекти и активни чинители во изборната постапка така што во повеќемесечната кампања на преговори успеа да се изборат за легално учество на изборите. Државната изборна комисија, дозволата за набљудување на изборите ја издаде на волонтери предложени од заинтересираните невладини организации.

Во склоп на наведената кампања Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните”  отвори 16 регионални (центри, канцеларии) и така стана единствена организација во Република Македонија со толкаво делување што го покрива подрачјето на целата земја како и подрачјата во Републикава во кои нема невладини организации.

Коалицијата “Граѓаните за Граѓаните” во својата работа беше поддржана и работеше во соработка со повеќе експерти со долгогодишно меѓународно искуство Г-дин Рик Стодард, Г-дин Пол С. Гил и Г-ица Викториа Аер од Националниот Демократски Институт за Надворешни работи од Вашингтон САД. 

Проектот беше финансиски потпомогнат од Кралската Норвешката Амбасада, Кралската Холандската Амбасада, Канадска Амбасада, Швајцарската Амбасада, Институтот за трајни заедници, како и  Фондацијата - Институт Отворено Општество Македонија и Македонскиот Центар за Меѓународна Соработка.

 

Comments

Popular posts from this blog

Decentralising Structural Funds' management to the regional level

Information/communication – lessons learned in Sweden

Small Business Ideas